Русија е подготвена да не го продолжи нуклеарниот договор со САД
Рускиот претседател Владимир Путин денеска се закани дека е можно да дозволи да истече важниот договор со САД за контрола на стратешкото нуклеарно вооружување СТАРТ во 2021 година, доколку како што рече, Американците немаат намера да го продолжат, објави АФП.
"Ако никој не сака да го продолжи договорот СТАРТ, тогаш нема ниту ние, сто пати рековме дека сме подготвени за тоа", изјави Путин на маргините на Економскиот форум во Санкт Петербург.
Путин додаде дека засега никој не зборува со Русија за тоа и дека официјалниот преговарачки процес не е почнат, иако договорот истекува во 2021 година.
Овој билатерален стратешки договор за намалување на стратешкото оружје, чие последно издание се вика Новиот СТАРТ, беше потпишан во 2010 година и ги одржува руските и американските нуклеарни арсенали далеку под нивото на студената војна.
„Доколку договорот истече без усвојување на новата верзија, нема да има друг инструмент кој ќе ја ограничи трката за вооружување, како на пример, испраќање оружје во вселената“, рече рускиот претседател.
Путин истакна дека Русија има нови системи кои можат да ја гарантираат безбедноста на Русија во подолг временски период и додаде дека неговата земја ги надминува своите конкуренти во производството на хиперсонични системи.