Бундестагот го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО
Германскиот Парламент го ратификиваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Владата на Германија во образложението на Протоколот од 6 февруари 2019 година изразува убеденост дека приклучувањето на Република Северна Македонија кон НАТО ќе значи придонес кон безбедноста и стабилноста во евроатлантскиот простор, јавува Дојче веле.
Во текот на дебатата германските пратеници влезот на земјата во Алијансата го поврзаа со датумот за почеток на преговори со Европската Унија. Иако расправата за извештајот на Европската комисија треба да се одржи на посебна седница, сепак некои од пратениците имаа забелешки дека таа расправа се оддолжува.
На ратификацијата на членството се спротивставија популистичката Алтернатива за Германија (АФД) и Левицата. Петр Бистрон од АФД ѝ честиташе на земјата поради затворањето на Балканската рута за бегалците во 2016 година, но рече дека неговата партија ќе гласа против членството во НАТО затоа што има „голем проблем со корупцијата“, а „Балканот е само предградие на Европа“.
Александер Ној од Левицата се спротивстави на проширувањето на НАТО и ја критикуваше „прозападната Влада во Македонија дека погрешно го интерпретирала референдумот за промена на името“.
Кристијан Шмит од партијата ЦДУ ја пофали улогата на Северна Македонија на Балканот, нарекувајќи ја „упориште на мирот“, која секогаш помагала во најтешките моменти. Според Шмит, стратешки интерес на Германија е земјите од Западниот Балкан да станат дел од ЕУ и најави дека за почетокот на преговорите со ЕУ ќе се разговара „наскоро“.
Колегата на Шмит од ЦДУ, Петер Бејер ги поздрави договорите со Грција и Бугарија, но критикуваше дека во земјата се потребни дополнителни напори во делот на борбата против организираниот криминал, корупцијата, правосудството и јавната администрација.