СЈО тврди дека „бомбите“ на „Ел Чека“ не потекнуваат од обвинителството
СЈО соопшти денеска дека објавените разговори на Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека“ не потекнуваат од обвинителството. Во соопштението се наведува дека сите аудио материјали со кои располага СЈО се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите.
„Воедно, при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, велат од СЈО.
Од СЈО ги повикуваат сите субјекти кои поседуваат аудио материјали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите да ги достават до обвинителството.