Сенаторот Менендез му честита на Ципрас за постигнувањето на Договорот од Преспа
Американскиот сенатор Боб Менендез на средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас ја истакна важноста на Договорот од Преспа за стабилноста и развојот на Југоисточна Европа, јави дописничката на МИА од Атина. Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, на средбата станало збор и за Договорот од Преспа, за кој Менендез му честитал на Ципрас.
“Господинот Менденез ја истакна важноста на соработката како во рамките на НАТО, така и билатерално. Исто така потенцираше дека нашата земја е столб на стабилност и безбедност во регионот. Во овој контекст, ја истакна важноста на Договорот од Преспа за стабилноста и развојот на Југоисточна Европа и му честиташе на премиерот за постигнувањето на договорот”, соопштуваат од кабинетот на Ципрас.
За време на посетата на Атина, американскиот сенатор оствари средби и со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, со шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, со министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.