САД: Белград и Приштина да покажат далековидост и флексибилност
Како што јави Гласот на Америка, Стејт департментот наведува дека суштината на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина треба да потекне од двете преговарачки страни.
„Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме двете страни и ЕУ како посредник. Косово и Србија мора да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот. За тоа се потребни далековидост и флексибилност од двете страни“, наведува Стејт департментот.
Во соопштението натаму се истакнува дека САД ги охрабруваат Белград и Приштина „да преземат одговорност за целиот процес, да запрат со негативната реторика и да работат заедно на конструктивен начин“.
Гласот на Америка потсетува дека последниве денови и од Белград и од Приштина се промовираат идеи за поделба на Косово, за размена на територии или за корекција на границата, како дел од процесот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина, чија цел е постигнување обврзувачки договор за нормализација на меѓусебните односи, треба да продолжи во септември.