Османи: Формално досега не е добиен „францускиот предлог“
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на неговиот официјален Фејсбук профил информира дека формално досега не е добиен француски предлог како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите- членки на ЕУ, со кои, како што посочува, се во постојана комуникација.
„Оттука нема можност било каков предлог да се достави до Собранието и/или неговите тела“, наведува Османи.
Според него, евентуален Протокол, кој се спомнува како веќе готов документ, можеби ќе преставува записник од одржување на Меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е предвидена со Договорот за пријателство од 2017 година. Засега, како што посочува, е одржана само една седница на оваа Комисија во 2019 година, и овој записник, кој е единствениот Протокол засега, е јавно достапен веќе три години. Османи посочува дека затоа нема финализиран записник бидејќи не е одржана втората седница на Меѓувладината комисија. Тој додава дека секогаш одговарал позитивно на поканите за настап на Комисијата за надворешна политика.
„Согласно Агендата, согласен сум наскоро да утврдиме термин и да ги преставам сите прашања од домен на надворешната политика, но притоа, да го повикам претседателот на Комисијата, да ја закаже седницата за избор на неколку клучни амбасадори чие упатување непотребно е стопирано преку незакажување седница на Комисијата за нивно сослушување“, додава Османи.
Бугарското Собрание утре ќе го разгледува „францускиот предлог“
Утре попладне Kомисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент ќе го разгледува „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Дел од медиумите кои го добиле предлогот, објавија дека тој ги содржи сите бугарски барања, освен за македонскиот јазик.