ИЈЗ: 73 отсто помалку заразени со сезонски грип
Бројот на заболени од грип годинава е намален за 73 проценти во споредба со лани, информираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сезонава вкупно 433 лица заболеле од грип, а според здравствените власти, драстичното намалување на болни од грип се должи поради мерките за заштита од коронавирусот како што се маските, дистанцата и забраните за групирање.
Според денеска објавените податоците на Институтот за јавно здравје, најголемиот број на лица кои годинава се разболеле од сезонски грип се на возраст од 15 до 64 години, а највисоката инциденца се регистрира кај децата до 4 годишна возраст. Раст на бројот на заболени од грип е забележан во втората недела од јануари. Пријавени се 36 случаи на заболени, што е повеќе во споредба со пред таа недела кога биле регистрирани 18.
Ковидот го зголеми интересот за вакцината против грип
Од институтот за јавно здравје инфомираат дека 37.870 веќе примиле бесплатна вакцина против сезонскиот грип, од кои 28.724 вакцини примиле лицата од ризичните категории, а близу 6.000 се дадени на здравствените установи и истите се аплицирани на здравствени работници и вработени во здравствените установи.