ДИК: Локалните избори ќе чинат повеќе од 4,3 милиони евра
Државната изборна комисија (ДИК), на денешната прва јавна седница во новиот состав, ја усвои финанскиската програма за јавни набавки за 2021 година за спроведување на Локалните избори годинава, во износ од 263 милиони денари, односно околу 4,3 милиони евра.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, изјави дека овие пари можеби нема да бидат доволни, бидејќи, како што рече, во некои општини ќе треба да се спроведат два круга на гласање. Во однос на средствата од три милиони денари кои не им се доделени од Министерството за финансии, Комисијата одлучи барањето повторно да биде доставено, а се однесуваат на набавка на техничка опрема за евиденција и идентификација на гласачите и за електронски избирачки список.
„Станува збор за фингер-принтери кој ќе ја олесни идентификацијата на гласачите, при што би требало да има софтвер со кој гласачот веднаш се идентификува, со што ќе се скрати постапката и ќе се врати довербата на гласачите во избирачкиот процес. Тоа е една од неколкуте мерките кои ги планираме за враќање на довербата на гласачите“, рече Даштевски.