Најдени остатоци од урнатиот авион во Индонезија
Пронајдени се делови од авионот и делови од човечко тело по падот на патнички авион во Индонезија. Авионот на компанијата „Сривиџаја ер“ се урна вчера во морето по полетувањето од главниот град Џакарта. Патничкиот авион превезувал 62 патници и членови на екипажот кога исчезнал од радарските екрани четири минути по полетувањето од Џакарта кон Калимантан. Тамошните власти соопштија дека воените нуркачи забележале остатоци од авион во Јаванското Море на длабочина од околу 25 метри.
„Добивме извештаи од тимот на нуркачи дека видливоста во водата е добра и јасна, што овозможува откривање на некои делови од авионот“, изјави началникот на воздухопловството, маршалот Хади Тјаханто и додаде: „Сигурни сме дека тоа е точката каде авион се срушил “.
Претходно беа извадени делови од човечко тело и парчиња од Боинг 737-500.
Властите сега трагаат по црната кутија во надеж дека нејзината содржина ќе помогне во истрагата за тоа што ја предизвикало несреќата.
Изгубен контакт со патнички авион во Индонезија
Несреќата е прв голем инцидент на авиокомпанијата во Индонезија по падот на авионот „Лајон ер“, Боинг 737 Макс 8 во 2018 година, при што загинаа сите 189 патници и членови на екипажот. Несреќата со „Лајон ер“ и уште една несреќа на авион 737 МАКС 8 во Етиопија пет месеци подоцна доведе до приземјување на „Макс 8“ на 20 месеци поради проблеми со автоматизиран систем за контрола на летот.