Локализирани двете црни кутии од урнатиот индонезиски авион
Двете црни кутии од Боингот на индонезиската авиокомпанија кој се урна во морето во близина на главниот град Џакарта со 62 луѓе се локализирани, објави денеска безбедносниот одбор на индонезиското Министерство за сообраќај.
„Ја локализиравме положбата на двете црни кутии“, рече шефот на безбедносниот одбор Серџанто Џахџанто.
„Нуркачите ќе почнат да ги бараат и се надеваме дека нема да треба многу време да се извадат“, рече тој.
Боинг 737-500 на авиокомпанијата Сривиџаја Ер вчера изгуби контакт со контролата на летање по полетувањето од Џакарта кон Понтианак во провинцијата Западен Калимантан и се урна во морето.
Брод на индонезиската морнарица денеска забележа траги од леталото, што овозможи да се приближи до претпоставеното место на падот на авионот. Нуркачите забележале дел од авионот на длабочина од 23 метри во Јаванското Море. Џахџанто рече дека се сигурни дека тоа е местото каде што се урнал авионот. Тој наведе дека меѓу забележаните предмети се делови од трупот на леталото и делови со регистрацијата на авионот.
Најдени остатоци од урнатиот авион во Индонезија
Претходно, спасувачите извлекоа делови од тела, облека и парчиња метал од површината на водата. Рибари уште вчера пронашле делови од авионот кои лебделе во морето и ги испратиле на испитување.