Отежнат сообраќајот на автопатот Велес-Скопје и на патот Гостивар-Маврови Анови
Сообраќајот на автопатот Велес-Скопје се одвива само по една сообраќајна лента, откако на автопатот е пронајден починат човек покрај возилото со кое тој претходно управувал. Од Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес за МИА изјавија дека истрагата треба да разјасни дали сега починатиот починал од удар на колата или претходно нешто му се случило. Со возилото управувал шеесетгодишен човек, а во возилото била и неговата мајка која има 89 години, но таа имала полесни повреди. Тие патувале од Прилеп за Скопје.
Поради одрони од камења и дрвја потешкотии во сообраќајот има и на регионалниот пат Гостивар-Маврови Анови. Заради расчистување на патот утрово во неколку наврати имаше и застој. Во моментов возилата се пропуштаат наизменично. Зголемениот обем на сообраќајот причинува на моменти да се создаваат и колони, бидејќи возилата се пропуштаат наизменично од двете страни.
Од службите апелираат до патниците и возачите на трпение и внимателност, бидејќи врнежливото време дополнително го отежнува сообраќајот во овој дел од земјата.