Русија организира конференција за Авганистан
Русија организира конференција за Авганистан на која учествуваат претставници од Програмата за мир и реинтеграција на Авганистан и на талибанците. Американската амбасада во Москва испрати дипломат како набљудувач на разговорите. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров рече дека Москва се надева „преку заеднички напори да отвори нова страница во историјата на Авганистан“. Првиот руски обид за конференција во септември пропадна, откако авганистанските власти одбија да учествуваат. Овој пат, владата не испрати свои претставници, туку членови на Високиот мировен совет, кој е назначен од владата.