Италијанската премиерка во посета на поплавените области
Нејзиниот авион околу ручек слетал во градот Римини на Јадранско Море и таа веднаш почнала да ги посетува градовите во регионот Емилија - Ромања, каде во поплавите загинаа 14 лица, а причинета е материјална штета од неколку милијарди евра.
Околу 36.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, а многу од оние кои останаа во поплавените подрачја немаат струја.
Тешко погодени се и земјоделските имоти на кои се одгледуваат праски, киви и кајсии, како и пченка и жито.
Дождот денеска престана, а спасувачките екипи и локалните доброволци се обидуваат да ја испумпаат водата од зградите и да ја отстранат калта што се насобрала на улиците.
Мелони го напушти самитот на Г7 во Хирошима еден ден порано од планираното, велејќи дека нејзината совест ја спречува да биде настрана од погодените области.
Во вторник, на 23 мај, италијанската влада ќе одржи седница на која ќе одлучува за мерките за помош на луѓето за да се справат со вонредната ситуација.