Обвинителите го намалија обвинението против Алек Болдвин
Обвинителството во Ново Мексико, Соединети Американски Држави, се откажа од барањето казна поради обвинението за недозволено ракување со огнено оружје.
Обвинителите одлучија наместо за недозволено носење оружје, да покренат обвинителен акт само за убиство од небрежност, за коешто Болдвин може да добие казна затвор до 18 месеци и парична казна од 5.000 долари според законот во Ново Мексико, доколку биде прогласен за виновен.
Окружното обвинителство во Санта Фе соопшти дека одлуката за отфрлање на обвинението за кривично дело е донесена, наводно, за да се избегне подолг правен спор со адвокатскиот тим на Болдвин.
„Приоритет на обвинителството е да ја задоволи правдата, а не да им дава можност за хонорари на скапите адвокати од големите градови врз основа на наплатливите часови ангажман“, соопштуваат од Обвинителството.
Болдвин и Хана Гутиерез-Рид, супервизор за оружје на сетот на филмот „Рѓа“, минатиот месец беа обвинети за кривично дело ненамерно убиство при убиството на кинематограферот Халина Хачинс, која почина кратко откако беше ранета за време на снимањето на филмот во Санта Фе.
Ненамерното убиство вклучува убиство што се случува додека обвинетиот прави нешто што е законско, но опасно и постапува без претпазливост.
На актерот Алек Болдвин во раце му бил даден пиштол реквизит за кој му било речено дека е безбеден и дека во него нема вистински куршуми, што подоцна се покажа неточно и резултираше со смрт на директорката на фотографија, а беше ранет режисерот, соопшти полицијата на 23 октомври 2021 година.