Активисти со протест пред Владата бараат решение за кучињата скитници
Демонстрантите со своите миленици пред Владата од институциите побараа одговорност, но и предложија мерки со кој ќе се спречат нови масовни убиства на бездомни животни, како и се почестите каснувања на граѓани од кучиња скитници.
„Ние, како здруженија и како активисти, свесни сме за преголемата популација кучиња на целата територија на државата и правиме сè што е во наша моќ да удомиме и да ги тргнеме од улиците, но битката не можеме да ја водиме сами оти оние што се надлежни да ги носат одлуките се глуви за проблемот“, изјавија организаторите на протестот.
За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња активистите бараат од надлежните институции, меѓу другото, обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец, задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – глоба од 80 евра првиот пат и 180 евра доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата, забрана и казни за оплодување на домашните миленици и изградба на азил за кучиња во секоја општина, во соработка со локалните здруженија.
Денеска премиерот Димитар Ковачевски кажа дека му дал налог на министерот за земјоделие Љупчо Николовски да се подготви нов закон за миленици во кој ќе бидат опфатени долгогодишните барања на организациите за заштита на животните, кои според него се легитимни.