Повеќе завршени предмети, очекуваат обвинителите од новиот наследник на Русковска
Очекуваме дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе си ја завршува работата онака како што треба и оти новиот шеф ќе си ги преземе сите мерки за да функционира според оние задачи и задолженија кои ги има. Дека ќе се гони криминалот, односно ќе се завршуваат повеќе предмети кои се во надлежност на тоа Обвинителство, изјави вечерва претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски,откако беа соопштени разултатите од гласањето за нов шеф на ОЈО ГОКК, според кои Ислам Абази доби најмногу гласови.
Абази кој доаѓа од Вишото обвинителство- Гостивар освои 66 гласови. Неговата колешка од истото обвинителство, Деса Пауновска доби најмалку гласови, односно 10. Зад Абази со освоени 64 гласови е Ермон Незири од скопското обвинителство. Суспендираната шефица Вилма Русковска која исто така се кандидираше освои 14 гласови.
Ислам Абази избран за нов шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција
По објавувањето на резултатите претседателот на Комисијата Влатко Ѓеоргиев, за Абази кажа дека е исклучително добар човек и исклучително добар професионалец.
Согласно Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаа сите јавни обвинители во земјата. Советот на јавното обвинителство во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе го именува на функцијата јавниот обвинител што добил најмногу гласови. Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира на секои четири години.