Гринер бара помала казна додека се преговара за размена на затвореници меѓу САД и Русија
Ѕвездата на ВНБА, Бритни Гринер поднесе жалба пред рускиот суд за деветгодишната казна за поседување дрога. Во меѓувреме извештаи покажуваат дека продолжуваат разговорите меѓу Москва и Вашингтон за можна размена на Гринер и други заеднички затвореници.
Адвокатите на 31-годишната кошаркарка беа цитирани од руските медиуми дека таа бара ослободителна или намалена казна. Двократна олимписка шампионка Гринер е во руски притвор откако полицијата соопшти дека во нејзиниот багаж на московскиот аеродром Шереметјево пронашла масло од канабис. Таа се враќала во Русија, каде што се натпреварува од 2014 година.
Гринер пред судот призна дека направила „чесна грешка“.
Претседателот Џо Бајден назначи преговарач во случајот на Гринер и рече дека неговата администрација „напорно работи“ на нејзиното ослободување.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Москва е подготвена да разговара со Вашингтон за размена на затвореници во која е вклучена и Гринер.
Лавров: Русија е подготвена да разговара за размена на затвореници
Американските власти рекоа дека нивниот предлог го вклучува и поранешниот американски маринец Пол Вилан, кој беше осуден на 16 години затвор поради обвиненијата за шпионажа што тој ги негира во 2020 година. Новински извештаи сугерираат дека договорот би можел да го вклучи затворениот руски дилер на оружје Виктор Бут.
Си-Ен-Ен цитира повеќе извори кои велат дека руската страна, исто така, притиска за предавање на Вадим Красиков, поранешен полковник од руската Федерална служба за безбедност- ФСБ, кој минатата година беше осуден за убиство на поранешен чеченски милитант во Германија.