Спасовски - МВР ќе ги преземе сите мерки за безбедност на пратениците и Собранието
Тој вели дека полицијата ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом. Министерот денеска присуствуваше на настан на Граничниот премин Табановце.
Тој апелираше до учесниците, а пред сè до организаторите на протестите да направат сè овие собири да минат на мирен и достоинствен начин.
Левица преку соопштение наведе дека нивните активисти кои досега кампуваа пред Влада, утре се селат пред Собранието. Од партијата ги повикаа граѓаните утре напладне да дојдат пред Собранието.
Спасовски се заблагодари за воздржаноста и демократскиот дух на протестите последниве денови, но и порача дека МВР е подготвено да одговори на каков било безбедносен предизвик со кој ќе се соочи.
„Криенката“ со францускиот предлог ја зголеми недовербата кај јавноста
Министерот за внатрешни работи рече дека за девет дена од протестите имало повредено 54 полициски службеници, од кои како што наведе, 11 биле потешко повредени.
Од 2 јули се организираат протести, со почеток во 19 часот, против францускиот предлог, чие евентуално прифаќање треба да доведе до кревање на бугарското вето и почеток на преговори за влез на земјава во ЕУ.