Бугарското Собрание утре ќе го разгледува „францускиот предлог“
На седницата, како што е најавено, „ќе биде претставен и ставот на бугарското МНР за записникот од заедничката средба согласно членот 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година, како и пакет документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување на ЕУ“.
Јавноста официјално не го видела „францускиот предлог“, ниту, пак, македонската влада се изјасни дали е прифатлив за неа. Дел од медиумите кои го добиле предлогот, објавија дека тој ги содржи сите бугарски барања, освен за македонскиот јазик. Бугарски претставници оценија дека се работи за предлог во вистинска насока, но оти треба да се доработи.
Што и да одлучи Бугарија - Македонија ќе заглави на патот кон ЕУ
Ако Бугарија го прифати францускиот предлог, владата во Скопје ќе мора да даде свој став. Министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски досега велеа дека ќе дадат свој став кога ќе има усогласен став од сите 27 членки на ЕУ.
Остануваат точно 10 дена до крајот на ротирачкото претседателство на Франција. Но Софија веднаш треба да се изјасни за планот, за тој да може да се оствари.