На почеток на кампањата, Орбан навести можно излегување на Унгарија од ЕУ
Во годишното обраќање, кое годинава се совпадна со почетокот на кампањата за парламентарните избори на 3 април, Орбан рече дека ЕУ води „света војна, џихад“ под слоганот владеење на правото.
Во Романија сѐ погласни барањата за излез од ЕУ
Во исто време, Орбан пред своите поддржувачи во Будимпешта вчера рече дека ЕУ треба да покаже „толеранција“ кон Унгарија. Во спротивно, рече тој, нема да може да се продолжи по заедничкиот пат.
Орбан во минатото постојано ги напаѓаше, како што ги нарекува „бирократите во Брисел“, но никогаш не се заканил дека ќе излезе од Унијата.
Орбан ова го изјави само неколку дена пред Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург да донесе пресуда за новиот механизам кој ќе ја поврзе распределбата на средства од ЕУ со почитување на владеењето на правото во земјите членки.
Унгарија и Полска поднесоа жалба против механизмот усвоен во декември 2020 година, кој може да им ги укине средствата од заедничкиот буџет на ЕУ на државите кои го прекршуваат владеењето на правото. Судот треба да донесе пресуда на 16 февруари.
Телата на ЕУ и организациите за човекови права го обвинуваат Орбан, кој владее со Унгарија од 2010 година, за напад врз демократијата и владеењето на правото.
Орбан реагираше на обвинувањата дека „за нив владеењето на правото е средство со кое сакаат да не замесат во нешто што личи на нив“.
Сепак, Орбан рече дека Унгарија сака да ја задржи ЕУ заедно „и покрај растечкото културно отуѓување“. Затоа Будимпешта во неколку наврати упати „понуди за толеранција“ до Брисел, рече тој.
„Нема друго решение, само толеранција. Само така може да најдеме заеднички пат“, рече тој.
Околу 80 отсто од Унгарците го поддржуваат членството на нивната земја во ЕУ.
Орбан за првпат се соочува со обединета опозиција на претстојните избори, а анкетите предвидуваат тесна трка.