Убиени демонстранти и полицајци во Казахстан
Десетици демонстранти се убиени во Казахстан при синоќешните напади врз владини згради, а најмалку десетина полицајци исто така загинале, меѓу нив и еден кој бил пронајден обезглавен, соопштија казахстанските власти денеска, а пренесува агенцијата Асошиејтед прес.
Портпаролката на полицијата Салтанат Азирбек за државната телевизија рече дека во текот на ноќта имало обиди за упади во згради во градот Алмати при што „десетици напаѓачи беа ликвидирани“. Во Алмати кој е најголем град во таа земја, немирите почнаа во средата. Државниот телевизија ја цитираше локалната полиција која наведува дека биле повредени 353 полицајци.
Очајот од сиромаштијата и корупцијата доведе до масовен бунт во Казахстан
Бранот протести во Казахстан избувна во западниот регион Мангистау пред четири дена поради ненадејното зголемување на цените на горивото што се користи во возилата во земјата богата со нафта, но се прошири во градовите и населбите низ Казахстан. Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев ги обвини „терористичките“ банди обучени од странство за насилствата и побара помош од сојузот составен од Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.
Мировни трупи предводени од Русија влегле во Казахстан
Руските медиуми, пак, наведуваат дека првите трупи од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Москва веќе почнале да дејствуваат во Казахстан бидејќи ескалирал невиден бран протести. Државната новинска агенција РИА Новости на 6 јануари објави дека воздушно-десантните единици на мировните сили влегле во централноазиската држава. Веста ја пренесе и државната новинска агенција ТАСС.