Над 100 мртви во разорното торнадо во Кентаки
Властите стравуваат дека има над 100 загинати и предупредуваат дека се мали шансите да се пронајдат уште преживеани по разорните торнада кои однесоа жртви во најмалку пет американски сојузни држави.
Гувернерот на Кентаки Енди Бешер рече дека ова е најразорниот случај на торнада во историјата на неговата држава, со најмалку 80 потврдени смртни случаи, и оти бројот на жртви веројатно ќе надмине 100 загинати, пренесува Би Би Си.
„Ништо што било во директниот правец на торнадата веќе не е тука“; рече тој.
Во четири други американски сојузни држави се пријавени 14 смртни случаи во налетот на торнадата. Шест лица загинале кога торнадото урнало магацин на Амазон во Илиноис, во Арканзас е урнат старечки дом во кој загинале две лица. Четири лица загинале во Тенеси, а две во Мисури.
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи голема сојузна катастрофа во Кентаки и нареди во најтешко погодените подрачја за да се стави на располагање федерална помош.
Повеќе од 300 припадници на Националната гарда одат од врата до врата и ги отстрануваат урнатините.
Гувернерот на Кентаки вели дека се надеваат на „чудо“ да пронајдат повеќе преживеани, но од саботата не е пронајден ниеден преживеан.
Силна бура зафати неколку американски држави, расте бројот на жртви
Бешер рече дека торнадото уништило места долж неговата патека од 365 километри. Илјадници луѓе останаа без дом, иако точниот број сè уште не е утврден.
Претходно, најдолгото торнадо во САД било невремето во Мисури во 1925 година, кое однело 695 животи. Вакви големи природни непогоди, надвор од пролетните или летните месеци, се исклучително ретки.