Опозицијата во Црна Гора го повлече предлогот за недоверба на Владата на Кривокапиќ
Причината за таквата одлука е поради тоа што една од владејачките партии Демократски фронт најави дека ќе поднесе иницијатива за намалување на мандатот на Собранието. Од Демократски фронт најавија дека ќе предложат до останатите партии од владејачкото мнозинство да се направи договор за скратување на мандатот на Собранието и организирање нови вонредни парламентарни избори. Но на таа најава, партнерите од власта, Демократска Црна Гора и Граѓанското движење УРА одговорија негативно.
Седница на Собранието на Црна Гора за недоверба на владата
Пред да ја повлечат иницијативата од опозицијата не потврдија дали обезбедиле еден глас, кој им недостасуваше за да може да ја соборат Владата. Во парламентот на Црна Гора власта има 41 пратеник, а опозицијата 40 пратеници.
Претходно партиите од владејачкото мнозинство соопштија дека нема да ја поддржат иницијативата на опозицијата. Од владејачката партија Демократскиот фронт со месеци бараат смена на Владата, но од партијата велат дека не сакаат Демократската партија на социјалистите, чиј лидер е Мило Ѓукановиќ да ја соборува владата и премиерот.
Владата на Кривокапиќ беше избрана лани на 4 декември со гласовите на просрпскиот Демократски фронт, партијата Демократска Црна Гора и Граѓанското движење УРА. Тие ја освоија власта во август лани, со што Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ после три децении замина во опозиција.