ВМРО-ДПМНЕ: прославата за 20 години од Рамковниот договор се претвори во партиска забава
„Сега не е време, ниту место за партиски политички промоции во време на прогласена кризна состојба и во време на повторно влошување со КОВИД пандемијата во државата. Наместо парите да се потрошеа за политички забави, власта на СДСМ и ДУИ требаше да ги пренамени во многу по продуктивни и побитни работи за граѓаните и државата во моментов. Можеа парите да ги пренаменат за реконструкција на училишта, водоводни и канализациони мрежи во Полошкиот регион, а можеа и да купат неколку нови противпожарни возила со што би спречиле повторна катастрофа со шумските пожари“, пишува во партиското соопштение.
Преку повеќе настани државата ја одбележува дваесет годишнината на Охридскиот рамковен договор, а на денешниот настан присуствуваше речиси целиот државен врв, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, а преку видео бим се обрати и поранешниот висок претставник на ЕУ Хавиер Солана.
Рамковниот не е совршен, но го мина тестот на времето
Преговорите за Рамковниот договор траеја околу два месеци. Негови потписници се тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Во својство на гаранти договорот го потпишаа специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.