МВР ќе поднесе пријави за 49 капачи за Водици од Охрид
Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе им поднесе пријави на 49 лица кои го одбележаа празникот Водици со капење во Охридското Езеро, и покрај забраната на организирано прославување поради пандемијата со ковид-19.
Според МВР вчера кај месноста „Сараиште“ во Охрид, забележана била поголема група граѓани кои биле легитимирани од страна на полицијата.
„Поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“, полицајците ги провериле овие 49 лица и по целосно документирање, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Спасовски: За Водици со посебен план за да нема собири, разговарано е и со МПЦ
Ден претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека зборувале со Македонската православна црква и дека полицијата има посебен план за празникот Водици за да нема собири и дека секој кој ќе ги прекрши мерките ќе сноси последици.