Европската комисија ги осудува заканите кон новинарката Милевска, дописничка од Брисел
„Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата и е во ДНК-то на Европа. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, а почитувањето на слободата на изразување е од суштинско значење“, соопштува ЕК.
Натаму, Еврокомисијата изразува очекување дека релевантните институции ќе ги истражат сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинарите.
Претходно Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до Милевска.
И Владата преку соопштение ги осудува нападите со говор на омраза врз новинарката Тања Милевска и врз кој било друг новинар и граѓанин воопшто.
Владата ги повика МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат за расчистување на бруталните закани и родово базираните повици на насилство кон новинарката.