ДИК: Гласаа 723 заболени од ковид-19 и луѓе во изолација
Во текот на денот, ДИК излегуваше со различни бројки на пријавени и прифатени барања за гласање. Претседателот на ДИК Оливер Деркоски појасни дека било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.
„ДИК и државата обезбедија целосно сигурно гласање на сите наши граѓани кои беа во оваа категорија на гласачи, а со тоа можам да кажам дека ДИК си ја заврши својата задача и за останатите два дена за гласање кога ги повикувам сите наши граѓани да излезат и гласаат, и да не се грижат за своето здравје затоа што на гласачките места ќе бидат максимално безбедни“, изјави Деркоски.
Од денешното гласање се објавува само излезност, а не бројки. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Така ќе биде и на утрешното гласање.Првични резултати се очекуваат по гласањето во среда.
Право на глас на изборите имаат еден милион 814 илјади и 263 граѓани. Утре гласаат болните и немоќните чиј број изнесува 8.852, лицата во 13 Казнено-поправни установи и тоа 1.657 и шест внатрешнораселени лица. Во 17 старски домови правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.