Почна полицискиот час
Почна полицискиот час, кој од денеска важи од 16 часот попладнево до 5 наутро. Улиците на Скопје се празни, а жителите се во нивните домови, се со цел да се спречи ширењето на заразата од Ковид-19. Само по некој забрзан автомобил или пешак брза да се прибере дома.
Има целосна забрана за движење за време на викенд, односно од 16 часот во петок до 5 часот в понеделник.
Лицата над 67-годишна возраст, според новите мерки, имаат право да излегуваат од нивните домови само од понеделник до петок во периодот од 10:00 до 12:00 часот.
Согласно мерката, за младите лица до 18 години забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што е дозволено родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.
Имено, Владата донесе одлука да се воведе посебен режим на движење за лицата со попреченост. Тие имаат право да ги напуштаат нивните домови од понеделник во петок во период од 19:00 до 20:00 часот, додека за време на викедот од 11:00 до 13:00 часот. Мерката за дозвола на движење за лицата со попреченост се однесува и на лицата што ги придружуваат.
Согласно одлуката, граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче), им се дозволува од понеделник до петок да може да ги изнесуваат надвор од своите домови, во вечерните часови во времетраење од 30 минути, почнувајќи од 20:00 часот до 20:30 часот, a во деновите сабота и недела, наутро од 08:00 часот до 08:30 часот, попладне од 15:00 часот до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот,најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Производствените погони, фабрики и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час.