Расте бројот на заболени од коронавирусот во Србија и Грција
Во Србија во изминативе 24 часа двојно е зголемен бројот на тестирани лица и од 622 новотестирани, позитивни на коронавирусот се 44 лица, со што од 3084 тестирани вкупниот број на заразени со коронавирус се искачи на 785 лица, изјави на денешната владина прес конференција епидемиологот Предраг Кон.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Кон кажа дека денес се починати уште три лица, жена во КЦ Војводина во Нови Сад родена 1939 година, и две лица во болниците во Белград, родени 1948 и 1974 година, со што бројот на починати од оваа епидемија се искачи на 16 лица.
Во Грција пак уште пет лица починаа од коронавирусот со што бројот на жртвите од почетокот на епидемијата се зголеми на 49, додека бројот на заразени лица изнесува 1212, од кои 56 се нови, согласно податоците од Министерството за здравство на Грција.