Мицотакис утре со лидерите на ЕУ во посета на грчко –турската граница
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, утре ќе ја посетат грчко –турската граница кај Еврос, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина. Утрешната посета на Еврос ја најави Мицотакис доцна синоќа на официјалниот „Твитер“ профил.
„Границите на Грција се надворешни граници на Европа. Ќе ги заштитиме. Ќе го посетам Еврос, копнената граница со Турција со Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет. Уште еднаш, не се обидувајте да влезете нелегално во Грција, ќе бидете вратени назад“, напиша грчкиот премиер на „Твитер“.
Грција: ситуацијата на границата со Турција е закана за безбедноста на земјата
Претходно портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, по состанокот на владиниот совет за национална безбедност, рече дека актуелната ситуација на границата со Турција претставува активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата. Од минатата недела на границата има зголемен број бегалци и мигранти кои се обидуваат да влезат на грчка територија, но грчката полиција ги спречува.
За 24 часа спречени 9.877 обиди за нелегален влез во Грција