Нема нови случаи на коронавирус во Македонија
Во изминатото деноноќие нема новопријавени пациенти со индиции за коронавирус. Единствената пациентка кај која беше потврден коронавирус е добро, е на Клиниката за инфективни болести и веќе трет дена нема температура, што значи дека состојбата се стабилизира и таа закрепнува. Карантинот, односно изолацијата се одвива добро и без проблеми. Нема проблеми во делот на полициски надзор. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека епидемиолозите се во редовен контакат со луѓето кои се во домашна изолација.
„Има доволно количини на тестови, близу 1.000. Досега се тестирани 13 лица, сите тестови беа негативни, и состојбата и натаму внимателно се следи. Во тек е набавка на дезинфекциски средства за училиштата и за надополнуивање на резервите од каде во моментов се испраќаат до јавните здравстени институции, до МВР, за граничните премини…, рече Филипче.
Тој додаде дека од Светската здравствена организација вчера добиле известување дека двајца македонски лекари биле на конгрес во Мадрид, а кај еден од предавачите било потврдено дека бил заболен од коронавируис. Двајцата македонски лекари се вратиле во земјава во саботата, рече Филипче, вчера биле дома и освен со домашните немале контакт со други лица. Тие денеска ќе бидат тестирани на Инфективната клиника и ќе им биде одреден здравствен надзор, во домашни услови, во траење од две недели, рече Филипче.