Полицаецот кој загина на автопатот Тетово-Гостивар бил удрен од две возила
Министерството за внатрешни работи објави детали за вчерашната несреќа во која еден полицаец загина, а друг е повреден додека обезбедувале место каде претходно се случила друга сообраќајка.
МВР соопшти дека во 19:05 часот на автопатoт Тетово-Гостивар, во близина на местото викано „Тумчевишка клучка“, автомобил „форд фокус“ со кичевски регистарски ознаки, управуван од 31-годишник од кичевското село Грешница, удрил во двајца полицајци П.Ѓ. и Ф.Ш. додека го обезбедувале место каде претходно имало сообраќајна незгода.
Кратко потоа, автомобил „фолксваген голф“ со тетовска регистрација управуван од 39-годишник од селото Синичане, кој се движел во правец Гостивар-Тетово, удрил во еден од двајцата веќе паднати полицајци.
По незгодата, со амбулантно возило полицајците биле пренесени во медицинскиот центар Гостивар, каде кај П.Ѓ. била констатирана смрт, а кај Ф.Ш. биле утврдени тешки телесни повреди.
По насока на јавен обвинител, 31-годишниот возач на „форд фокусот“ е уапсен во полициската станица Гостивар.