Средба Жбогар – Мурати зад затворени врати
![Средба Жбогар – Мурати зад затворени врати](https://gdb.rferl.org/433FCE41-FE11-487F-8A8C-81A9915978F1_cx0_cy3_cw0_w800_h450.jpg)
На средбата одржана денес помеѓу претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати и амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар предмет на разговор беа теми кои се однесуваат на функционирањето на Судот како независен и самостоен орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, соопшти Уставниот суд. Новинарите и снимателите беа отстратени од судот и изјавите по средбата ги чекаа надвор, а не внатре.
Амбасадорот Жбогар по средбата рече дека за ЕУ ветингот во судството е последна опција за која е неопходен консензус од сите политички чинители.
„Во моментот не гледаме дека има потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, секако одлуката останува да се донесе во државата, во Северна Македонија“, изјави тој.
Премиерот Зоран Заев претходно најави ветинг, односно проверка за судиите и обвинителите, дали може да продолжат да ја извршуваат функцијата.
Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ), пак, најостро ја осуди одлуката на Уставниот суд да не им дозволи на новинарите и на снимателите да ја проследат средбата.
„Овој преседан е жесток удар врз правото на граѓаните преку медиумите да се информираат за најактуелните проблеми што директно ги засегаат. Дополнително, институцијата што треба да биде меѓу најугледните во едно демократско општество со овој потег создава лоша пракса на нетранспарентност којашто може да ја следат и другите“, реагира ССНМ.