Војници со навршени 45 години ќе работат во затворите
Околу 100 војници со навршени 45 години старост на кои им престануваше ангажманот во Армијата, од сега ќе бидат под Министерството за правда, односно под Управата за извршување на санкции во затворската полиција.
Државниот секретар на Министерството за одбрана Драган Николиќ појасни дека веќе од утре првата група од 97 професионални војници кои имаат 45 години старост добиваат нов ангажман во казнено – поправните установи во државата. Тој вели дека тие ќе имаат исти, дури и поголеми финансиски примања, како и соодветни услови на новите работни задачи. Посочи дека за оваа одлука добиле позитивен одговор од војниците.
Првиот човек на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ рече дека војниците ќе бидат распределени според местото на живеење, односно, лоцирани се онаму каде што има најблиску казнено поправни домови.