Турција очекува поддршка за операцијата во Сирија
Турција очекува поддршка за операцијата „Извор на мирот“ во Сирија од сите пријателски и сојузнички земји, вклучувајќи ја и Македонија, пред се во заштита на животот на цивилното население, рече денеска на прес-конференција турската амбасадорка во земјава Тулин Еркал Кара.
На новинарско прашање дали имала средба со државниот врв на нашата земја и дали добила поддршка за операцијата, амбасадорката Еркал истакна дека Република Северна Македонија е братска и пријателска земја, која Турција секогаш ја поддржувала и била меѓу нејзините главни приоритети. Таа вели дека македонските власти прво ги очекувале изјавите од претставниците од ЕУ, за потоа да дадат свој став.
Амбасадорката додава дека Анкара очекувала став за турската операција, меѓутоа, како што рече, тој бил искажан со задоцнување и во согласност со ставовите искажани во изјавите на претставниците на ЕУ.
Турција од соседните земји очекувала и посолидарен став за беглаците, вели амбасадорката.
На прашањето кои се очекувањата по осудите кои пристигнаа за операцијата од страна на лидерите на земјите членки на ЕУ и од САД, а од друга страна Турција е членка на НАТО, Еркал ја повика Унијата да даде поддршката за операцијата.
Според неа, видео материјалите кои се објавуваат во странските медиуми за операцијата, всушност се постари материјали од 2007 и 2008 година, а, како што рече, ги има актуелизирано претседателот на САД. Таа смета дека Турција се соочува со фабрикувани лаги и со оцрнувачка меѓународна медиумска кампања против неа.