Одбраната на „Титаник“ бара изземање на СЈО поради притворот на Јанева
Одбраната во случајот „Титаник“ побара изземање на обвинителката Лиле Стефанова и СЈО од случајот, поради, како што рече адвокатот Димитар Дангов, протворот на специјалната обвинителка Катица Јанева, што според него е причина останатите обвинители веќе да немаат надлежност да ги застапуваат обвиненијата.
„Во овој момент општо познато е дека Катица Јанева е во притвор, како осомничена во „Рекет“. Постои опасност Јанева да стори друго кривично дело, бидејќи ова е еден од основите за кои и е одреден притвор. Затоа постои опасност Јанева да стори кривично дело и во овој кривичен предмет, односно постои страв да не го повтори делото“, рече Дангов.
Тој истакна дека иако сите во судницата ја почитуваат обвинителка Лиле Стефанова, сепак, како што рече, таа не може повеќе да го застапува обвинието за „Титаник“.
Случајот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности и во него, обвинети се поранешниоте министри Гордана Јанкулоска и Миле јанакиески, поранешниот премиер во азил Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешниот генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, и уште петнаесетина други лица.