АВМУ нема надлежност да го испитува потеклото на капитал
Законите за медиуми не му даваат надлежност на регулаторот да го испитува потеклото на капиталот, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во реакција на денешното соопштение на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
"Дејствувањето на Бојан Јовановски и евентуалната злоупотреба на медиумот од негова страна се предмет на постапување на обвинителството, судството, финансиската полиција, а не на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којашто го следи почитувањето на законите за медиуми.Во овој контекст, Агенцијата врши континуиран надзор врз радиодифузерите, при што правилата за сопственичка структура не се исклучок"соопшти АВМУ.
Претходно од Здружението на новинарите по последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски, менаџер во кабелската телевизија 1ТВ, изразија загриженост за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во медиумот, кои поради скандалот може да останат на улица.
„ Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото“, се наведува во соопштението од ЗНМ.