Шекеринска: Често премиери извршуваат и министерски функции
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека често се случува премиери да се одлучат да извршуваат и министерска функција кога сакаат да стават особен акцент на одредени прашања, коментирајќи ги најавите дека премиерот Зоран Заев ќе биде и министер за финансии.
„Тоа е пораката која ја испрати премиерот, односно дека во ситуација кога ги покажавме резултатите на интеграциски план – стануваме членка на НАТО и ќе ги почнеме преговорите со Европската Унија, главниот фокус да биде ставен на економијата. Пораката која ја добивме од граѓаните е дека сега ни требаат повеќе резултати во делот на економскиот раст и оваа порака од премиерот е порака до граѓаните дека главниот фокус на премиерот ќе биде токму економијата“, изјави Шекеринска по дискусијата за Националната стратегија за развој на концептот едно општество и интеркултурализмот.
Според неа, не е ниту првпат, ниту последен пат премиер да извршува и министерска функција и такви примери имало во Грција, а во моментот таков е примерот со Нов Зеланд.