Поплавени куќи и свлечиште од невреме во Куманово
Проблеми во повеќе населби во Куманово се предизвикани од невремето кое попладнево го зафати градот: од поројниот дожд поплавени се куќи во населбата „Перо Чичо“ и во селото Добрешане, како и подруми, гаражи и дворови во околината на гимназијата и дел од булеварите, се вели во првичните информации на Регионалниот центар за управување со кризи.
Од РЦУК Куманово велат дека се појавило и странично свлечиште на улицата „Титова Митровачка“ за што биле информирани надлежните институции. Екипите на Водовод се на терен за да ја отстранат водата од поплавените простории, изјави директорот на претпријатието Горан Стојковски.
Поројниот дожд го зафати Куманово во 15 часот и напрекинато врнеше еден час со силен интензитет и силни електрични празнења.