Спомен парк на загинатите работници во скопско Лисиче
Вкупно 33 садници денеска беа засадени во паркот во општина Лисиче во чест на работниците кои лани загинале на работно место. Иницијативата на Македонско здружение за заштита при работа по повод 28 април – светскиот ден за безбедност при работа имаше за цел создавање на спомен парк на загинатите работници. Според годишниот извештај за несреќи при работа Скопје е град со најголем број несреќи, а по него следат Гостивар и Штип. Лани се случиле 124 несреќи при работа од кои 33 завршиле фатално.
Милан Петковски, претседателот на здружнието изјави дека стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 4,34 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат четири до пет вработени.
„Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2017 година, кога изнесувала 3,22. Кога, пак, како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа лани изнесувала 16,33 што покажува дека на секои 100.000 вработени, се повредуваат од 16 до 17 вработени. Лани во вкупно 30 градови во државата се случиле несреќи при работа, а најмногу несреќи има во градежништвото,“ изјави Петковски.