Зеленски: Москва да не губи време со руски пасоши за Украинци
Украинскиот нов претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Москва не треба да губи време обидувајќи се да ги привлече украинските државјани со руски пасоши. Ваквата изјава следуваше откако рускиот претседател Владимир Путин вчера посочи дека руската администрација размислува за олеснување на процесот за руско државјанство за сите Украинци, не само за оние кои живеат во источниот дел на Украина.
„Украинците сфаќаат дека руско државјанство значи „право да бидат уапсени на мирни протести“ и “право да немаат слободни избори “ како и “право да заборават на сите права и слободи“. Разликата во Украина е во самиот факт дека ние имаме слобода на говор, слободни медиуми и слободен пристап до интернет“, напиша Зеленски на својот фејсбук профил.
Тој додаде дека сепак е подготвен на преговори со Русија и дека „вистинска нормализација на односите може да се случи само по деокупација на Донбас и Крим“.
Москва ја презеде контролата врз Кримскиот полуостров во 2014 година и предизвика немири во Донбос. Во конфликтот во источниот дел на Украина загинаа 13 илјади луѓе, и делумно и натаму продолжува иако е донесен договор за прекин на огнот.
Русија негираше дека учествува во конфликтот иако западните влади приложија докази дека обезбедила оружје, војници и поддршка за сепаратистите во тој регион.