Двегодишнина од насилниот упад во Собранието
Поминаа две години од „крвавиот четврток“ во Собранието кога демостранти насилно упаднаа во Собранието при што беа нападнати пратеници и новинари. Демонстрантите од „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во Парламентот откако новото парламентарно мнозинство на конститутивната седница го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за нов спикер на Собранието, по 4 месеци собраниски блокади и партиски надмудрувања.
Со фантомки на глава група насилници упаднаа во прес салата и ги нападнаа пратениците меѓу кои и сегашниот премиер Зоран Заев кој тогаш држеше прес конференција.Тензијата траеше неколку часа, затоа што полицијата не воспостави контрола на време. Неколкумина пратеници беа повредени од кои најтешко помина лидерот и пратеник на Алијансата за Албанците Зијадин Села.
Првата годишнина помина во исчекување на правна разврска на овој настан, при што од 33 обвинети, дел се амнестирани а дел се во затвор. На почетокот процесот почна против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Но, по донесувањето на Законот за амнестија беа помилувани 15 лица. Јавното обвинителство годинава поведе истрага за организаторите на насилните настани. Меѓу осомничените за организирање на насилството се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот спикер Трајко Вељаноски како и поранешните министри Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски.