Путин ги отфрла критиките за руско државјанство за Украинците
Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли меѓународните критики за неговата одлука да го олесни процесот на давање руско државјанство на Украинците кои живеат во источниот дел од Украина кој е под контрола на сепаратистите кои се поддржани од Русија.
На новинарите во Владивосток тој денеска им кажа дека обвинувањата на Киев се чудни, а ја оправда својата вчерашна одлука со тоа дека таа е слична со политиките на некои земји членки на Европската унија, како Романија и Унгарија, кои им даваат државјанство на припадниците на нивните етнички заедници кои живеат надвор од државата.
Одлуката на Путин предизвика сериозни критики од Киев, Соединетите Американски Држави, Британија и Европската унија.