Шекеринска- кадровските промени нема да бидат само во извршната власт
Премиерот кажа дека пораката е примена и дека токму поради таа порака ќе правиме кадровски поместувања веднаш по изборите, кога и законски имаме право тоа да го правиме, рече денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
“Првата екипа ќе биде одлучувана и од страна на премиерот, но не сметам дека кадровските поместувања ќе се ограничат исклучиво на владиниот состав, туку на она што се вика извршна власт и на она што се вика неисполнување на еден дел од очекуваањата на граѓаните”, рече Шекеринска по акцијата за садење на 150 садници во близина на кејот на реката Вардар.
Taa нагласи дека фокусот им бил на големите државни прашања и на тоа покажале резултат, што значело дека Владата покажала дека таму каде што точно знаела што сака и каде што го давала максимумот имало резултати.
“Тоа не е така во сите сектори и токму поради тоа веднаш по изборите овие кадровски поместувања ќе покажат дека кога постои слобода и кога и медиумите и граѓаните не чувствуваат страв за да го кажат своето мислење, тогаш владите функционираат подобро, а државата оди напред”, рече Шекеринска.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, пак, рече дека комплексно било прашањето дали се пронашол во изјавата на премиерот.
“Секој од нас е должен да се пронајде во таа изјава затоа што секој од нас сноси одговорност затоа што сме лица избрани од граѓаните на нашата држава. Во моментот кога стапувате на таа функција, вие веќе сте одговорен за таа функција. Ова не е време во кое треба да се утврдуваат индивидуалните одговорности, ова е време во кое ние како раководство на СДСМ сме фокусирани на избор на претседател бидејќи кажав – не ја казнувајте државата ако сметате дека СДСМ треба да биде казнет”, рече Шилегов.
Ден по претседателските избори премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев рече дека ја примил пораката и дека им возвраќа на граѓаните со тоа дека ќе има “чистка на сите функционери кои немаат капацитет да му служат на народот”.