Ноз Зеланд забрани поседување автоматско и полу-автоматско оружје
Новозеландскиот Парламент со само еден глас против го усвои предлог-законот со кој се забранува поседување на најголем дел од автоматското и полуавтоматското оружје, објавија новинските агенции.
Овој потег на пратениците доаѓа на неполн месец по нападот во двете џамии во Крајстчрч, при што загинаа 50 муслимански верници. Според најавите, се очекува предлог-законот да биде потпишан в петок од страна на главниот гувернер на Нов Зеланд, по што и ќе стапи во сила.
Премиерката Џасинда Ардерн обезбеди поддршка од речиси сите партии за законот, што е реткост, а против беше само Либертаријанската партија, која има само еден пратеник. Останатите 119 пратеници гласаа за новиот закон.