Кирацовски побарал од таткото на неговата сопруга да се повлече од работното место
Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацовски денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека побарал од таткото на неговата сопруга, Борис Поповски, да го повлече својот ангажман како алатничар и тој, како што пишува, го прифатил барањето.
“Иако можеби немам право на тоа, затоа што немам ниту поврзаност со неговите ангажмани во животот. Од морални причини, таткото на мојата сопруга, кој беше ангажиран времено, на одреден период, преку агенција за времени вработувања, го откажа својот ангажман во Фабриката за опрема и делови во Битола”, напиша Кирацовски.
Вчера првите вакви чекори на политичарите од СДСМ, кои во јавноста беа посочувани за непотизам, ги најави министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски. Потоа пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов, кој е и портпарол на владејачката партија, најави дека неговата мајка, која е вработена во Централниот регистар во Струмица, ќе си даде оставка од работното место. И Кристијан Мисовски, син на пратеникот од НСДП Горан Мисовски, објави дека се повлекува од работното место во Агенцијата за супервизија на осигурувањето.