Манчевски ги најави првите оставки поради непотизам
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски најави дека луѓето од власта кои се посочуваа за непотизам при вработувањето во државната администрација денеска ќе се повлечат.
“Првите резултати ќе ги видите денеска, но да оставиме тоа да бидат конкретни чекори најавени од самите луѓе во овој процес”, рече Манчевски.
Тој на барањето да даде повеќе детали, одговори дека нив ќе ги кажеле луѓето кои ќе се повлечат. Манчевски беше прашан за непотизмот при вработувањата на денешната прес конференција со својот грчки колега Никос Папас во владата.
Државната комисија за спречување корупција веќе најави дека ќе ги испитува вработувањата поврзани со 18 функционери. Едни од најчесто споменуваните во јавноста кои вработиле свои блиски лица се пратениците Горан Мисовски и Мира Стојчевска, како и функционери од ДУИ и Беса.