Гутереш го поздрави стапувањето во сила на Договорот од Преспа
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го поздрави стапувањето во сила на Договорот од Преспа со кој се реши долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина.
Неговиот портпарол Стефан Дујариќ соопшти дека Гутереш го поздравува овој развој на настаните, со кој се решава долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина и кој покажува дека дури и најчувствителните прашања можат да се решат со дијалог и политичка волја.
Првиот човек на ОН ги повика земјите-членки, регионалните организации и сите меѓународни партнери да ги поддржат историските чекори кои ги презедоа двете земји со решавањето на спорот.
Македонија и Грција доставија заедничко писмо до генералниот секретар на ОН Гутереш, со кое го информираат за датумот на влегување во сила на Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.