Меркел: Можно е решение без повторно отворање на договорот за Брегзит
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека решение со Обединетото Кралство за уредно излегување од Европската унија е возможно без повторно преговарање за постоечкиот договор за Брегзит.
“Мислам дека можеме да најдеме решенија без повторно отворање на договорот за повлекување. Тоа не е на агендата за нас", изјави Меркел.
Германската канцеларка зборуваше во Братислава, додека британската премиерка Тереза Мај пак денеска разговара со лидерите на Европската унија во Брисел, во обид повторно да го отвори договорот за Брегзит, постигнат во минатиот ноември меѓу неа и ЕУ.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март. Поради тоа што британскиот парламент одбива да го прифати овој договор расте страхувањето дека Британија ќе излезе од ЕУ без договор.