Дебарскиот совет го избра Екуран Дука за ВД градоначалник
Во тензична атмосфера денеска советот на Општина Дебар за ВД градоначалник го избра Екуран Дука од ДУИ. Откако почина избраниот градоначалник на ова општина Ружди Лата, Советот на општината двапати бираше привремни градоначалници. Прво беше избран Еуген Цами од Алијанса за Албанците, а откако се смени мнозинството во Советот за ВД градоначалник беше избран Дука од ДУИ, по што следеа партиски препукувања.
На денешната седница присуствуваа и претставници на ОБСЕ. Советот прво го разреши Цами, па повторно го избра Дука.
Претседателот на Советот Башким Машкули нагласи дека изборот за нов вршител на должност што се врши денеска е во согласност со законот. Во расправата советниците на Алијансата за Албанците нагласија дека гласањето е незаконско, бидејќи во декември веќе е избран ВД градоначалник. Тогаш беше почитуван законот и избраниот градоначалник Цами треба до предвремените локалните избори да остане на функцијата привремен градоначалник. Тие рекоа дека станува збор за политичка пропаганда со цел на чело да дојде советник на ДУИ.
Со осум гласови „за“ од вкупно 15 советници за нов вршител на должност градоначалник е избран Екуран Дука советник на ДУИ, инаку специјалист уролог за кого гласаа советниците на ДУИ, СДСМ и ПЕИ .